×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.





Луан Старова


Луан Старова во книжевноста се пројавува во својата дваесетта година. Пишува на македонски, албански и француски јазик. Во 1974 г. магистрирал и докторирал на Универзитетот во Загреб, а специјализирал на Сорбона од областа на модерната француска книжевност. Својата кариера ја продолжил до пензионирањето како професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во два мандата бил амбасадор на СФР Југославија во Тунис и Палестинската Држава, како и прв амбасадор на Република Македонија во Франција, постојан претставник во УНЕСКО, прв амбасадор на Република Македонија во Франција, како и нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија. Од 2003 година е член на Македонската академија на науките и уметностите, нејзин секретар на Одделението за уметност. Член е и на Медитеранската академија, на Европската академија на науките и почесен член на Албанската академија на науките. Вниманието на домашната и меѓународната книжевна јавност Луан Старова го предизвика во 1992 г., со романот Татковите книги (награда „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобар роман), кој ја најави неговата „Балканска сага“, досега објавена во 13 книги на повеќе од 3.000 страници. Романот Времето на козите (првопласиран на конкурсот на „Мисла“ во 1993 г.) е објавен на уште дваесетина јазици. Овој роман беше номиниран за меѓународните награди Најдобар објавен роман во Франција во 1997, најдобар европски роман – награда „Жан Моне“, за наградата „Ангелус“ за најдобар роман на Централна и Источна Европа објавен на полски јазик. За Балканската сага пишувале угледни европски книжевни критичари и мислители, како Едгар Морен, Робер Бадентер, гонкyровецот Морис Друон, Ерик Фај, Василис Василикос, Предраг Матвеевиќ и други. Во француската книжевна критика Балканската сага се вбројува во редот на големите европски романи. Романот Балканвавилонци од оваа сага ја доби наградата роман на годината на „Утрински весник“ за 2015 г. Авторот е добитник и на меѓународните признанија Медал на Асоцијацијата на автори кои пишуваат на француски јазик, како и на највисокото француско прзнаниe Предводник во уметностите и книжевноста (Commandeur de l’Ordre des Arts et Lettres).