×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.





Алан де Ботон


Алан де Ботон е писател, филозоф, телевизиски водител и претприемач што живее во Лондон. Роден е во Цирих, во 1969 година, во швајцарско-британско семејство со сефардско потекло. Учел во училиштето Хероу, а високото образование го продолжил на колеџот Гонвил и Киз во Кембриџ, со магистратура по филозофија на колеџот Кингс на Лондонскиот универзитет. Зборува англиски, француски и германски јазик. Неговиот прв роман Огледи за љубовта, проткаен со филозофски размисли типични за есеистиката, со ироничен хумор и префинет јазик, е објавен во 1993 г. По светскиот успех, во 2010 доживува и филмска адаптација, Моите последни пет девојки. Де Ботон е автор на повеќе есеи и романи кои се преведени на над дваесет јазици и се бестселери во 30 земји, меѓу кои: Романтично движење, Како Пруст може да ви го смени животот, Утехата на филозофијата, Статус на страв, Архитектура на среќата, Една недела на аерод- ромот, Религија за атеисти, Уметноста на патувањето и најновото дело, Уметноста како терапија. Во нив ги испреплетува книжевноста, филозофијата и уметноста правејќи ги подостапни за широката читателска публика. Преку својата „филозофија на секојдневјето“ ги разгледува големите животни прашања – љубов, пријателство, работа, патувања, дом – на еден интелектуално ригорозен, терапевтски и забавен начин и на секогаш читлив јазик. Неговата цел е да ја врати филозофската мисла онаму каде што припаѓа: во средиштето на нашите животи.