×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




РАЗБУДЕТЕ ГО СВОЈОТ УМ: СОЗДАЈТЕ НОВА РЕАЛНОСТ

РАЗБУДЕТЕ ГО СВОЈОТ УМ: СОЗДАЈТЕ НОВА РЕАЛНОСТ

Дали животот едноставно ви се случува? Или вие едноставно го создавате животот?

Замислете дека се возите од работното место до дома. Излегувате од вашиот автомобил и ве прашувам какво ви беше патувањето. Голема е веројатноста дека нема да се сетите колку пати сте застанале на семафор, или на пешачки премин за да помине некој пешак, нели? Но вие секако безбедно се вративте дома. Кога живееме автоматски, на пилот, чувството е како некој друг да вози, а не ние.

Нашиот мозок има развиено несвесен систем на носење одлуки со цел да можеме да ги вршиме секојдневните рутински активности. И тоа е добро, зашто нѐ спречува да не се преоптовариме. Но наместо да нѐ заштити и да ни даде слобода за дејствување, денешниот современ живот нѐ зароби и овој механизам не ја исполнува својата вистинска задача. Оваа тема во денешно време е мошне актуелна и во светот се спроведени многу истражувања кои потврдуваат дека ваквото однесување станува епидемија и дека нашите умови лутаат во поголемиот дел од времето.

Доколку во животот му отстапуваме поголема контрола на нашиот автоматски пилот, со текот на годините тоа може да стане голем проблем, вклучувајќи ги и мислите кои во најголем дел од времето ни се вртат во главата. Фрагменти од негативни мисли и чувства може да формираат обрасци кои ќе ги засилат нашите емоции. Пред да станеме свесни, може да нѐ обземат длабоки стресови, нервоза и тага, и нема да бидеме во можност да се справиме со сопствените мисли и емоции. И што прави човекот во таквите ситуации? Посегнува по алкохол, дрога, цигари, храна... всушност, се оградува и се исклучува себеси не знаејќи како да се справи со потенцијалот да се биде човек.

Единствената причина зошто човекот страда може да биде анксиозност, депресија, стрес или што и да е. Нашиот ум се свртел против нас. Тоа е исто како да имате нож и не знаете како да го користите, па мислите дека ножот е виновен затоа што вие не знаете да сечете. Доколку нашиот ум работи за нас, дали во тој случај ќе создадеме блажество или несреќа за себе? Ако знаеме како да ги користиме своите мисли и емоции, дали мислите дека анксиозноста ќе биде проблем, стресот ќе биде проблем, тензијата ќе биде проблем? Што мислите, какви можности ќе постојат за нас? Наместо да научиме како да го правиме тоа, ние се бориме против можностите и даваме значење на сѐ што не ни носи благосостојба. Но тоа не е она што секој од нас го заслужува.

Потребно е да пронајдеме начин да излеземе надвор од циклусот штом ќе станеме свесни за него. Тоа подразбира работа на себе и обука, свесност и присутност, за да можеме да направиме избор на што сакаме да се фокусира нашиот ум. Да научиме како да ја насочиме свесноста на една работа во одредено време. Доколку сме целосно свесни и присутни, тогаш можеме да одржуваме поголема контрола врз нашиот автоматски пилот и можеме да го користиме за да ги распоредиме навиките како што ни е потребно. Постојат различни книги, техники, вежби, кои можат да ни ја овозможат оваа состојба, но овде, пред сѐ, се поставува прашањето: 

Дали сме подготвени да се разбудиме, да го преземеме животот во свои раце и свесно да создаваме посакувана реалност?

Авторката е тренер за личен развој, Реики мастер енергетски терапевт и мотивациски говорник.



Најнови објави