×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




Исак Асимов – билет до друга галаксија

Исак Асимов – билет до друга галаксија

Реалноста е креација на умот. Доколку го промениме начинот на размислување, ќе ја промениме и стварноста, а доколку купиме билет до планетите од Асимовата измислена автоматска билетарница, ќе влеземе во фантастичниот свет на вселенската одисеја на Исак Асимов. Тука ќе наидеме на Галаксија од иднината, а во неа ќе ги препознаеме законите на општеството од сегашноста. 

Исак Асимов е американски автор и биохемичар со руско потекло. Овој многу плоден автор има објавено над петстотини трудови, вклучувајќи ги неговите романи, раскази, научни дела и статии. Несомнено за него, како што вели и самиот, пишувањето е причина за неговото постоење. „Ако докторот ми најави дека имам уште шест минути преостанати од животот, нема да се загрижам, туку ќе пишувам побрзо.“

Асимов се вљубил во научнофантастичниот жанр уште на деветгодишна возраст, кога прочитал едно списание од таа област. На единаесет години почнал да пишува во тој стил, а на осумнаесет вложил сèза да ги објави своите раскази. Иако овие обиди биле одбиени, по четири месеци труд и страдање, ја продал првата приказна и оттогаш ги започнал своите достигнувања. Оттука почнала неговата идеја за градење на светови преку фикција, а широчините на неговиот универзум ги потврдува преку фактите. Неговата неисцрпна фантазија секогаш се потпира на научни објаснувања. Во Асимовиот опус има деведесет иновации во технологијата. Интересно е што некои од иновациите од неговиот книжевен свет денеска се реалност, како сателитската навигација,тридимензионалната технологија и интернет-врските со видеоповик. Асимов е значајна фигура не само во книжевниот свет, туку и во науката. Покрај тоа што е првиот човек којшто го употребил терминот „роботика“, тој во своето дело „Јас, робот“ зборува за вештачката интелигенција како креација во која се вдахнати морални квалитети со етички вредности. Авторот тука книжевно ги визуализира законите за роботите што ги воспоставува во расказот,„Обиколка“. 

Ставовите на Асимов за етичките вредности, на сосема поинаков начин отколку во ракописите на Музил, Кафкаили Брох, се прикажани во серијалот „Фондација“. Под ракавот на Асимов се крие искрата на револуционерната наука, именувана од неговото перо како психоисторија, која не се занимава со човекот како поединец туку со поединецот како дел од толпата. Оваа теорија е основа за предвидување на иднината, што е од интерес за секој читател на научнофантастичните романи. Патувањето во времето е неверојатен подвиг, а како производ на движењето во времето се јавува промената. Асимов, како што вели и самиот, пишува на две нивоа, еден ред случувања се одигруваат во иднината на приказната, додека другиот ред се сместени во минатото на истата приказна. Приближувајќи се, полека но сигурно, тие стигнуваат до сегашноста.

Галаксијата за која Асимов пишува во 1951 година, под насловот „Фондација“, опфаќа дваесет и пет милиони населени планети потчинети на Империјата чијашто престолнина се наоѓа на Трантор. Галаксијата по дванаесет илјади години пропаѓа, но Хари Селдон може да ја види иднината во која следува период на војни и на варварство. Тој формира населба наречена Фондација, остварена како научно прибежиште, средство со кое науката и културата на Империјата што умира ќе биде зачувана низ периодот во кој ќе се распламти варварството. „Фондација и Империја“ е продолжување на оваа приказна за Фондацијата. Страниците сместени помеѓу кориците на ова продолжение се интересни не само за љубителите на научната фантастика, туку и за истражувачите на општествените и социјалните појави. 

За Асимов овие книги не се само претпоставување на иднината, туку се измислување на иднина со можност да се оствари. „Научната фантастика создава измислено општество кое не постои, кое можеби ќе постои, но не е нужно. Тоа е забавно, интересно, полно со надеж дека ќе им овозможи на луѓето нов начин да се видат себеси наспроти едно чудно општество, на начин на кој не би можеле да се согледаат во сегашното општество.“

Со едната нога во минатото, со другата стапнувајќи во иднината, Асимов создава свет едновремено толку сличен и толку различен од реалниот, а со левата рака го повлекува читателот да се нурне во неговата Галаксија, каде што се борат Фондација и Империја. Со „Фондација“ Асимов го подготвува вселенскиот брод, а откако ќе ја земете „Фондација и Империја“ од полиците, удобно сместете се во бродот и започнете го научното патување во фантазијата. 



Најнови објави