×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




СО „АКТИВАТОРОТ“ ОДИМЕ ЗАЕДНО ЗА ДА СТИГНЕМЕ ДАЛЕКУ

СО „АКТИВАТОРОТ“ ОДИМЕ ЗАЕДНО ЗА ДА СТИГНЕМЕ ДАЛЕКУ

Тие се авторско трио – Фросина Денкова, Дејан Ваневски и Поликарп Арсеновски. Со сериозна професионална биографија, градена во мултинационални компании во Европа, седнаа и здружено напишаа книга која е алатка за личен и професионален развој. Поттикнува на акција и движење по нагорна линија за да се досегнат личните предизвици, зашто најважната работа што секој ја има е „работата на себеси“.„Активатор“ е одличен почеток, и тоа уште од денес.

Од каде потекна идејата за создавање прирачник за развој на лично и професионално ниво?

Поликарп: Бихевиоралните компетенции, или во јавноста познати како лидерски компетенции, се алатка со која ние се служиме во процесот на развој на вработените и тимовите со кои сме работеле. Всушност, тоа е основата на THRIVITY, каде што секое работно место има зададени потребни бихевиорални компетенции. Пресудното за нашата одлука да пишуваме е желбата овој начин на личен и професионален развој да го доближиме до луѓето и компаниите во Македонија, и не само за работни позиции. Досега овој начин на развој беше повеќе познат за мултинационалните компании и во дел од нив фокусиран само на унапредување на лидерските позиции. Дополнително, искуствата во светот покажуваат дека бихевиоралните компетенции се, всушност, основен предуслов за успех и ја отсликуваат културата на компанијата, во споредба со техничките вештини кои можат да се стекнат преку тренинг, обуки и неформално образование.

Колку беше тешко да се приспособи текстот на тој начин што за секој корисник ќе биде индивидуален прирачник?

Дејан: Следејќи ја идејата за создавање на „THRIVITY АКТИВАТОР“ како прирачник за развој, си поставивме задача да го направиме разбирлив и применлив во повеќе ситуации: личен развој во процес на барање работа и подготовка за интервју, развој на компетенции на работно место, поддршка во професионален развој на менаџер, како и едукативни цели. Како автори, носиме искуство од повеќе области кои ги пресликавме во прирачникот. Веруваме дека секој читател може да најде употребна вредност и да го користи во најмалку една улога во која се наоѓа во моментот или ќе се најде во иднина. „THRIVITY АКТИВАТОР“ не се чита како белетристика, тој e наменет за континуирана употреба, навраќање минимум еднаш квартално за следење на напредокот во развојот на компетенциите за кои индивидуалниот корисник ќе направи план за развој.

„THRIVITY АКТИВАТОР“ е плод на заедничка работа на авторскиот тим. Какво е искуството да се работи заедно во остварување на иста идеја?

Фросина: Можеби нескромно, но сосема искрено би кажале дека ова искуство за нас е непроценливо. Во суштина, секој нов проект, секое ново искуство, остава белег во нашиот личен и професионален развој, но можноста да се работи со врвни и докажани професионалци и синергијата што произлезе од оваа соработка уште еднаш ја потврди нашата честопати споменувана девиза „To go fast go alone, to go far go together“. Во текот на двегодишниот период од нашата соработка благодарни сме за сите брејнсторминг сесии што ги имавме, размената на искуства и креативни идеи, а секако и за конструктивните критики што си ги упатувавме еден на друг. И навистина интересно, целото тоа творечко патување имаше додадена вредност за прирачникот што го создадовме. Крајниот производ од оваа соработка секако ја оставаме нa „евалуација“ на секој читател на „THRIVITY АКТИВАТОР“ и секој фидбек е добредојден.

Свесни за тоа колку е важен компромисот во заедничката работа, како го решававте проблемот доколу дојдеше до судир на мислењата околу некое подрачје?

Дејан: Според теоријата, за да има конфликт, потребно е да има спротивставени мислења, силни емоции и голем влог, а создавањето на „THRIVITY АКТИВАТОР“ ги имаше сите овие елементи. Добрата страна е што ние како автори сме луѓе со високо ниво на самосвесност и тоа што имаме една заедничка цел: нашето знаење и искуство од областа на бихевиоралните компетенции да го преточиме во прирачник кој ќе биде разбирлив, достапен и применлив кај широк аудиториум. За да се надмине судир на мислења, потребно е лидерство, способност да се разбере другата страна и да се најде заеднички прифатливо решение во кое сите ќе бидат победници (ALL WIN).

Освен компромисот, важна е и довербата. Како стекнавте доверба еден во друг?

Поликарп: Па и не беше толку тешко колку што можеби се чини, со оглед на фактот дека тројцата сме различни по карактер, со големо искуство и веќе изградени професионални ставови. Ценам дека преовладеа професионализмот и почитувањето на различностите. Потоа, самодисциплината и високото ниво на одговорност дека секој треба да си го заврши својот дел од работата и во точно определено време. Најинтересни беа состаноците на кои требаше да се усогласат ставовите и да се затвори едно поглавје, долги состаноци со многу дебата, преработка и додавање. А тоа и ја изгради довербата, секој од нас вложува максимум и придонесува со своите различни гледања.

Оваа книга е мотиватор за многу луѓе, а што е тоа што ве мотивира вас?

Фросина: Без размислување, тоа е работата со луѓе! Секојдневието на секој од нас е различно, како и динамиката со која сите тројца се движиме низ него, но заедничка е нашата постојана интеракција со луѓе, без оглед дали е тоа во процесот на консултација, развој, тренинг или менаџмент. Можноста да извршиме влијание на кое било ниво во тој процес е изворот кој ни ја дава енергијата што ја имаме и што нѐ движи напред.

Кажете ни по една причина зошто „THRIVITY АКТИВАТОР“ ќе им го промени животот на читателите?

Поликарп: „Активаторот“ создава култура на самоспознавање и на континуирано учење, а ќе ги инспирира читателите да бараат повеќе и подобро од себе, за себе и за околината. Генерално, со следење на развојот преку оваа алатка читателите ќе ја подобрат комуникацијата и воопшто односот со другите луѓе, затоа што ќе може низ призмата на бихевиоралните компетенции да ги видат добрите страни на соговорникот, партнерот. Применливоста на книгата е огромна при подготовка за интервју за работа, при промена на работно место, за создавање план за развој и за образовни цели. Така што мислам дека вреди да ѝ се даде шанса, а преку неа и себеси.

Оваа книга ги извлекува позитивните страни од секој поединец. Што извлече таа од вас?

Дејан: Ние како тим уживавме во создавањето на оваа книга. Прво дружењето и честата комуникација придонесе да се запознаеме и уште подобро да комуницираме меѓу себе. Освен тоа, сметаме дека ова е само почеток на една долгорочна, чесна, отворена и плодотворна соработка. Таа ни помогна и нам да се развиеме, како поединци и како тим, да ги надградиме нашите лични знаења и искуства во областа на бихевиоралните компетенции и нѐ направи поиздржливи. Самата цел на прирачникот е благородна, а тоа е да се поддржат луѓето во нивниот развој за да бидат поуспешни, посреќни, поспособни и повредни за организациите и за општеството во кое работат и создаваат вредности.

„THRIVITY АКТИВАТОР“ е необичен и извонреден зашто можете да го користите за повеќе намени. Ако можете да се вратите во времето пред вашите успеси и „Активаторот“ да се наоѓа во вашите раце, за што би го искористиле?

Фросина: Предизвикувачки е да се даде само еден одговор. Верувам дека прирачникот би го искористила за лично надградување и личен развој и за единствената „пожелна“ споредба, а тоа е споредбата со самите себеси. Би ја идентификувале личноста која сакаме да бидеме и клучните компетенции чиј развој би нѐ донел до неа. А потоа – на работа! Најважната работа што сите ние ја имаме е „Работа на себеси“!



Најнови објави